По повод јубилејот 55 години постоење на Друштвото за патишта свое обраќање на вториот Конгрес за патишта имаше директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, кој рече дека ова е јубилеј достоен за почит, а дека му е посебно чест да се обрати бидејќи Јавното претпријатие за државни патишта е еден од основачите на Друштвото за патишта, со кое цели 55 години двете институции делат исти цели и задачи.
Рустеми рече дека за земја во развој, каква што е Република Северна Македонија, посебно е важна добро развиена патна инфраструктура и квалитетни патишта кои се предуслов за економски раст и развој на државата.
„Затоа нашите политики имаат јасна цел и се насочени кон создавање на квалитетна патна мрежа преку модерна и функционална инфраструктура. Доказ за нашата посветеност за изградба и обнова е и инвестицискиот циклус во висина од преку една милијарда евра во патната инфраструктура кој се одвива во државата и кој е забележителен преку изградба на автопатишта, експресни патишта, како и повеќе регионални патишта, но и зголемено темпо на рехабилитација и реконструкција на постојните патишта. Темпото ќе се засили по изборот на правен трансакциски консултант и надзор, а по потпишување на договорот со меѓународниот конзорциум Бехтел и Екнка ќе започне и градбата на автопатиштата на Коридор 8 и Коридор 10Д. Со сите овие проекти, патната инфраструктура ја подигнавме на многу повисоко ниво, а сето ова значи и можност за привлекување на нови инвеститори, но и зголемување на конкурентноста на земјата на економскиот пазар. Изминативе неколку години изразено во бројки слободно можам да констатирам дека изградивме и обновивме преку 1000 километри патишта и опфативме повеќе од 60-тина патни правци, а во бројки изразено инвестиравме преку една милијарда евра“, потенцираше директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.
Тој се осврна и на соработката на ЈПДП со партнерите како што е Градежен Факултет, консултантите, проектантите, архитектите, инженерите, изведувачите, надзорите и сите останати, која ја оцени како одлична и верува дека и натаму ќе продолжи, но и на проблемите коишто неминовно се појавуваат кога се реализираат крупни проекти.
Еден таков проблем тој лоцираше во изработката на проектната документација во делот на косините кој се јавува при реализација на проектите при што рече: „Сметам дека во иднина потребно е сите учесници при изработка на проектните документации максимално да се посветат со цел да постигне повисоко ниво на квалитет на проектната документација, особено ќе го потенцирам уште еднаш да се обрне повеќе внимание во делот на проектирање на косини. Ценам дека ваквите собири се вистинска можност стручната фела да размени искуства со цел да ги надминеме проблемите кои што се појавуваат во текот на реализација на проектите. Поголемата соработка во сите фази на изработка на проектите е од особено значење за навремено надминување на секоја пречка“.
Рустеми се осврна и на новите текови што се случуваат на глобално ниво во градежната индустрија, а кои наметнуваат нови цели и барања, како што се доброто управување и одржување на патиштата, безбедноста на сообраќајот, заштитата на животната средина, транспортните политики во услови на светска економска криза наметната од пандемијата и од војната во Украина итн., потенцирајќи дека пред нас се нови предизвици, кои повторно не тераат да размислуваме и да ги пренасочуваме ресурсите. Но, според него, само со инвестиции и ангажирање на работните потенцијали и ресурси може да се надминат сите кризи.
Покрај еминентни професори и стручни лица од регинот присутни на Конгресот, свое обраќање имаа и потпретседателот на Владата на РСМ, г. Битиќи, како и министерот за транспорт и врски, г. Бочварски