Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, заедно со амбасадорот на Европската унија во Република Северна Македонија Дејвид Гир и претставникот на ЕБОР во земјава Анди Аранитаси потпишаа Договор за изградба на автопатот Скопје-Блаце, кој е еден од најважните приоритети на Владата на Република Северна Македонија. Со потпишувањето на овој Договор се отвора можноста за конкретна реализација на проектот.
Имено, автопатот Скопје–Блаце заради неговата исклучителна важност постојано е сфера на интерес на пошироката јавност и токму затоа од исклучително значење е потпишувањето на Договорот со ЕБОР кој се однесува на новата подделница на Автопатот А4 на трансевропската транспортна мрежа TEN-T со должина од околу 10 километри што се протега од клучката Блаце во близина на границата со Република Косово до Скопје, односно до клучка Стенковец.
„По успешно спроведената постапка на преговори со Европската Банка, успеавме да обезбедиме заем во вредност од 167 милиони евра, и грантови од 27 милиони евра. Што значи вкупно за оваа патна делница обезбедивме средства во висина од 194 милиони евра. Со овој заем целосно ќе се затвори финансиската конструкција за изградба на вторите 10 километри. Предвиденото автопатското решение ќе има две коловозни ленти, секоја со по две сообраќајни ленти за возење со ширина од по 3,5м и по една лента за застанување од 2,5м. Вкупната проектирана ширина на автопатот ќе изнесува околу 27.5м“, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми по потпишувањето на Договорот.
Со обезбедување на овој заем и изградбата на автапатот значително ќе се скрати времето на патување, ќе се подобри безбедноста во сообраќајот, ќе се намалат трошоците за одржување на возилата. Постојниот пат кој ќе служи како алтернативен пат, исто така ќе се рехабилитира за што веќе е потпишан договор за рехабилитација со Изведувачот.