Пелагонискиот регион кој се наоѓа во југозападниот дел на државата, на југ граничи со Република Грција и Република Албанија. Од тие причини е значаен за патното поврзување кое е дел од коридорот 10Д. Овде се вкрстуваат патни и железнички јазли кои се дел од меѓународната рута. Токму затоа директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски извршија увид во градежните работи на рехабилитацијата на државниот пат Фаришка Клисура–Прилеп.
Еден од најфреквентите патни правци е регионалниот пат кој поминува низ Фариш и води кон Прилеп или попознат како превој Плетвар. Граѓаните кои гравитираат кон Прилеп и Битола, многу добро знаат дека овие 20-тина километри се најтешките за возење посебно во зимскиот период.
„За да им ја олесниме рутата и да го забрзаме протокот на возила отпочнавме со рехабилитација на делницата Фариш-Прилеп во должина од 19 км за што издвоивме средства со помош на ЕБОР во висина од 4.07 милиони евра. Изведувачот на работите Стентон Градба и Грин Лајн со надзорот Диви веќе работат на механичко сечење на асфалтот, поставување на нови рабници, машинско гребење на постоечкиот асфалт, по што започна и процесот на афалтирање. Токму затоа сме тука да извршиме увид во овој процес и лично на терен да се увериме во напредокот на работата. Очекуваме почетокот на зимата граѓаните од овој регион да возат по нова рехабилитирана делница што ќе значи и нивна поголема сигурност и безбедност“, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.
Инаку, интензивно се работи и на експресниот пат Градско-Дреново, на кој во иднина треба да се надоврзи и изградбата на автопатот Прилеп-Битола кој треба да го гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка. Со рехабилитацијатата, пак на магистралниот пат Битола-Меџитлија ќе се поврземе брзо и безбедно со Република Грција, а од 1 јули Изведувачот веќе ќе биде воведен во работите.