Трпевски: „360 милиони евра за изградба, реконструкција и рехабилитација на патишта во државава обезбедивме во 2022 година“

Заменик директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Благојче Трпевски учествуваше на Бизнис-форумот за патната и за железничката инфраструктура во Република Северна Македонија, во организација на Стопанската комора, на која говореше за актуелните и идни проекти во патната инфраструктура.

Трпевски потенцираше дека годинава Јавното претпријатие за државни патишта обезбеди 360 милиони евра за изградба, реконструкција и рехабилитација на 40-тина патни правци со вкупна должина од над 540 километри што говори дека ЈПДП како инвеститор во име на Владата реализира крупни капитални инвестиции за инфраструктурно поврзување меѓу градовите, населените места, селата и регионите со што се создаваат услови за брз и безбеден транспорт на луѓе, стоки и услуги.

„Оваа година Република Северна Македонија ќе биде едно големо градилиште. Продолжуваме со изградбата на автопатите Кичево–Охрид и Скопје-Блаце, каде првата фаза е отпочната, а се подготвуваат активности и за втората фаза. Се планира и изградбата на автопатиштата Букојчани–Кичево во должина од 12.7 км, Тетово-Гостивар со вкупно 17.5 км; Гостивар-Букојчани, 30.3 км; Требеништа-Струга-Ќафасан, 21.7 км; како и Прилеп-Битола, со должина од 39.3 км. Исто така, моментачно во градба се експресните патишта Градско– Прилеп, делница Градско-Дреново, должина од 15.5 км; делница Дреново-Фариш, должина од 10 км; експресниот пат Штип- Кочани, делница Крупиште–Кочани со должина од 13,75 км; експресниот пат Чатал-Крива Паланка, делница Чатал–Длабочица, должина од 15,5 км и делница Длабочица–Крива Паланка со должина од 9 км. Имаме тековни рехабилитации, реконструкции и изградби на магистрални и регионални патишта како што се Крива Паланка–Деве Баир, магистралниот пат Куманово–Страцин, регионалните патишта Фаришка Клисура–Прилеп, Маврови Анови-Жировница, Ропалце–Матејче, Извор-Гарски мост, но и многу други планирани рехабилитации, реконструкции и изградби. Дел од нив се: магистралните патишта Скопје-Блаце; Подмоље-Струга–Ќафасан; Битола–граница со Р.Грција; регионалните патишта Катланово–Велес; Велес–Градско; Струмица–Дабиле; Охрид–Св.Наум; и др. Сите овие проекти значат обезбедување на квалитетен живот на граѓаните, економска поврзаност и со самото тоа економско зајакнување на регионите во државава и на самата држава. Изминативе 3-4 години оваа Влада изгради, реконструира и рехабилитра преку 1000 километри патишта и инвестираше преку една милијарда евра“, изјави заменик директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Благојче Трпевски .