75 % реализација од изградбата на втората фаза, Крупиште-Кочани, дел од новиот експресен пат Штип-Кочани

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми заедно со претседателот на Владата на РСМ Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски извршија увид во изградбата на новиот експресен пат А3 Штип-Кочани со вкупна должина од 28 километри, со кој се обезбедува модерна, сигурна и безбедна врска со Источниот регион.

Изградбата на експресниот пат е поделена во две фази: Штип – Крупиште во должина од 14,30 километри која што е завршена во 2020 година и Крупиште-Кочани во должина од 13,75 км. за којашто се издвоени средства во висина од 18,23 милиони евра обезбедени од ЕБОР.

„Градежните работи се одвиваат со задоволителна динамика за овој период од годината, и до овој момент имаме 75 % реализација. Нашите очекувања се дека на почетокот од последниот квартал од годинава делницата ќе биде целосно завршена. Патот ќе биде со висок квалитет на градба, вкупната ширина на експресниот пат е 11,4 метри, ќе има четири ленти, по две коловозни од по 3,5 метри и две ленти за застанување од по 2 метри, како и две рабни ленти од по 0,20 метри. Идната максимална брзина на движење на експресниот пат меѓу Штип и Кочани ќе биде 110 километри на час. Изведувач на градежните работи е „Синохидро“ од Р.Кина, а Надзор е „Патинвест инженеринг“ АД Софија Р.Бугарија“, изјави по извршениот увид директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми.

До сега веќе е вграден прв слој на БНС асфалт на 8 км од делницата. Бетонските конструкции, како што се мостови и надпатници, се завршени 75 до 80% и се подготвуваат завршните работи, хидро изолации, и сл. Паралелно се изведуваат и други пропратни работи на патот. Инаку, предвидени се 4 моста, две клучки (кај Кочани и Спанчево), два потпатника и три надпатника. Овој нов патен правец започнува кај месноста Три чешми во Штип и се надоврзува на веќе завршениот автопат Миладиновци–Свети Николе–Штип. Делницата Штип–Крупиште која е дел од овој експресен пат во изградба А3 Штип – Кочани, е во функција. Планирана вредност на целокупниот проектот (двете фази) е околу од 40 милиони евра.

Со изградбата на експресниот пат се овозможува брзо и современо поврзување помеѓу Штип и Кочани, со што ќе им се олесни на оние коишто патуваат од Кочани за Скопје и обратно бидејќи трасата на новиот пат минува надвор од населените места, а исто така ќе се намалат километрите и времетраењето на патувањето и најважно од сѐ ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот!