Извршен увид во изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми заедно со претседателот на Владата на РСМ Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски извршија увид во изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка.

При тоа, тие посочија дека сите сме свесни за економско-политичкото значење на Коридорот 8 и патното поврзување со Република Бугарија, но и со поширокиот регион. Токму затоа, се инвестира во модернизација и доизградба на паневропскиот коридор и патните правци опфатени со него.

Рустеми ги информираше министерот и премиерот за технички аспекти поврзани со експресниот пат чија што вкупна должина ќе биде 25,5 километри.

„Изградбата е поделена во две делници, од кои првата Длабочица-Чатал е со должина од 15,5 километри и ширина од 12,5 метри и за која можам да известам дека се надминаа постоечките проблеми и веќе имаме Изведувач на работите кој од 24-ти овој месец стартуваше. Вкупната вредност на оваа делница е 32 милиони евра. На втората делница каде што вршиме увид Крива Паланка-Длобочица е со должина од 10 км и ширина на коловозот од 10,4 метри и со вкупна вредност од 30, 5милиони евра. Што значи вкупната проектирана вредност на експресниот пат кој се финансира со средства од Светска Банка е 62,5 милиони евра“, извести Рустеми.

Градежните активности на втората делница од експресниот пат се одвиваат во согласност со планираното темпо, и во моментов во зимски услови што подразбира дека се извршуваат работи на кои не им пречат снегот и лошите временски услови. Идниот експресен пат Ранковце-Крива Паланка ќе има по една лента за возење и по една помошна лента за застанување во секој правец, со што значително ќе се скрати времето на патување меѓу Куманово и Крива Паланка.

Во моментов има неколку значајни проекти отпочнати во овој дел на државата, како што е рехабилитацијата на магистралниот пат Куманово-Страцин кој е од витално значење не само за регионот, туку и за целата држава. Проектот е поделен на два дела, а ќе биде со вкупна должина од 32 км, и вкупна вредност од 11,9 милиони евра. Втората делница е веќе во завршна фаза и очекуваме набргу да биде комплетно завршена рехабилитацијата.
Минатата година беше рехабилитиран и реконструиран патот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар, а за делницата Крива Паланка–Деве Баир финансирана од ЕБОР и WBIF, се очекува градежните работи да бидат комплетирани до средина на 2022 година.

Исто така, во изработка е проектната програма за проектирање на нов експресен пат Романовце–Страцин кој што е планиран да се финансира од IPA 3. Со отпочнатите други рехабилитации, санации и изградби во овој регион сакаме да добиеме комплетен Коридор 8 кој ќе биде безбеден и сигурен за учесниците во сообраќајот.