Рустеми:„Очекуваме набргу да биде комплетно завршена рехабилитацијата на втората фаза од Куманово-Страцин“

„Сите сме свесни за економското политичото значење на Коридорот 8 и патното поврзување со Република Бугарија, но и со поширокиот регион. Токму затоа, инвестираме во модернизација и доизградбата на паневропскиот коридор и патните правци опфатени со него, како што е и овој магистрален пат Куманово-Страцин кој е од витално значење не само за регионот, туку и за целата држава. Подобрувањето на патните врски значи подобро поврзување за побрз превоз на услуги и стока“, ова го изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, кој заедно со заменикот на Претседателот на Владата за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик директорот на ЈПДП Благојче Трпески извршија увид во градежните работи коишто се во завршна фаза од рехабилитацијата на магистралниот пат Куманово-Страцин која се изведува во два дела.

„Првата фаза е од Куманово до село Војник, во должина од 15,2 километри, во вредност од 5,4 милиони евра средства обезбедени од ИПА 2 фондовите. „Рехабилитацијата на оваа фаза завршува во јуни следната година. Втората фаза е од село Војник до Страцин, во должина од 16,6 километри, во вредност од 7,2 милиони евра, пари обезбедени преку Јавното претпријатие за државни патишта. Овој дел е веќе во завршна фаза и очекуваме набргу да биде комплетно завршена рехабилитацијата“, потенцираше Рустеми.

Минатата година беше рехабилитиран и реконструиран патот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар и со отпочнатите други рехабилитации, санации и изградби во овој регион сакаме да добиеме комплетен Коридор 8 кој ќе биде безбеден и сигурен за учесниците во сообраќајот.