Рустеми: „Се отвори „патот“ за изградба на автопатската делница Букојчани-Кичево, дел од Европскиот коридор 8“

„Со потпишувањето на Договорот за заем и Договорот за гаранција помеѓу Република Северна Македонија и ЕБОР се отвора патот за конкретна реализација за изградба на автопатската делница Букојчани-Кичево, како дел од Коридорот 8“, изјави директорот на Јавното претпријатие Ејуп Рустеми по потпишувањето на Договорот за заем со ЕБОР.

Договорот за заем и Договорот за гаранција во името на Република Северна Македонија го потпишаа директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми и министерот за финансии, Фатмир Бесими, а од името на ЕБОР претставникот за Северна Македонија, Анди Аранитаси.

Со изградбата на автопатската делница Букојчани-Кичево, како дел од Европскиот патен коридор 8 на ниво на автопат значително ќе се подобри мобилноста и трговската размена, безбедноста на патот, ќе се скрати времето на патување, и ќе се зголемат можностите за социо – економскиот развој.
„Делницата на државниот пат А2 од Гостивар до Кичево проектирана е пред повеќе од 50 години и изградена како единечен коловоз со две сообраќајни ленти во двата правца, а наместа на планинските превои, има и трета лента за бавни возила. Сепак, поради зголемениот обем на сообраќај и недоволно добрите возно – динамички услови, неминовно е надградување на оваа делница на ниво на современо автопатско решение по кое ќе се одвива брз, безбеден и непречен меѓународен и домашен превоз на патници и стоки. Ова беше главната причина од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) да побараме заем за финансирање на автопатската делница Гостивар–Кичево, односно за почеток, за изградба на подделницата од Букојчани до Кичево во должина од околу 10.2 км. Вкупните проектирани трошоци за финансирање на оваа делница изнесуваат 132,7 милиони евра, од кои 110 милиони евра ќе се финансираат со средства од заемот од ЕБОР, 19,8 милиони евра се обезбедени како инвестициски грант од Инвестиционата рамка за Западен Балкан“, потенцираше директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми.

Намирувањето на обврските и исполнувањето на одредбите од Договорот за заем за финансирање меѓу ЕБОР и ЈПДП во износ до 110.000.000 евра, го гарантира Република Северна Македонија за што беше и усвоен и Закон за гаранција. Обврските, пак, кои произлегуваат од Договорот за заем, како и сервисирањето на заемот ќе ги врши Јавното претпријатие за државни патишта од приходите кои ги остварува, во рокови и услови утврдени со овој Договор.

Заемот се доделува во две транши. Првата транша е во износ од 41.700.000 евра, а втората транша е во износ од 68.300.000 евра. Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%. Рокот за отплата на двете транши од заемот е 16 години со вклучен грејс период од четири години. Двете транши од заемот ќе се отплаќаат во 24 полугодишни рати на 15 јуни и на 15 декември секоја година. Рокот на отплата и на првата  и на втората транша започнува од првиот датум од навршување на четвртата година од склучување на Договорот за заем.

 

Европскиот патен коридор 8  е многу значаен регионален коридор. Околу 305 км од него поминуваат низ нашата држава. Тој се протега од  границата со Република Бугарија до границата со Република Албанија, притоа поминувајќи низ повеќе градови Крива Паланка–Куманово–Скопје –Тетово–Гостивар–Кичево–Струга. Го опфаќа и кракот од Подмоље до Охрид кој е многу важна врска Исток-Запад, а овозможува и поврзување на пристаништето Бургас во Бугарија преку Република Северна Македонија, до пристаништето Драч во Албанија и понатаму до пристаништето Бриндизи  во Италија. Токму затоа, е потребно модерно, современо и брзо решение за овој патен коридор.