Skip to content

Рустеми: „Инвестираме уште 15 милиони евра во изградба на втората делница од експресниот пат Штип-Радовиш“

Директорот на Јавното претпријатие на државни патишта Ејуп Рустеми и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски извршија увид во градежните активности од изградбата на втората делница од експресниот пат Штип-Радовиш, кој ќе биде со вкупна должина од 40,46 километри, и со чие завршување граѓаните од југоисточниот регион ќе добијат безбеден ескпресен пат, кој што ќе претставува основна патна врска меѓу Источна и Западна Македонија.

„Пред три месеци, поточно во јуни, ја пуштивме во употреба првата делница од обиколницата Југ-Штип до Бучим, во должина од 23 километри. Денеска вршиме увид во градежните работи на втората фаза која е од клучка Три чешми до клучка Радовиш и е во должина од нецели 17 км. и со вредност од речиси 15 милиони евра“, изјави директорот на Јавното претпријатие на државни патишта Ејуп Рустеми по извршениот увид.

Инаку, и втората делница е со истите техничките квалитети пропишани за експресен пат, па така и овде се предвидени по една коловозна и една помошна лента, со ширина од 11.4 m. Максималната брзина на движење на возилата ќе биде 110 километри на час.

Втората фаза се состои од две секции со приближно еднакви должини од 8.5 км и се работи на реконструкција на постоечкиот пат, но и негово проширување до профил на експресен пат. Првата секција, е од Три чешми до Штип Југ каде што интензивно се работи на реконструкција на коловозната конструкција.
„Втората секција, е од клучката Бучим до Радовиш, каде што покрај проширувањето на постоечкиот пат до профил на експресен пат, се работи и на паралелниот пат од левата страна на експресниот пат, од клучката Бучим до Радовиш. Проширувањето на постоечкиот пат е проследено и со измена на геометријата на патот, со што се зголемува безбедноста на возење. Градежните работи на оваа секција се речиси завршени во целост. Инаку, на втората делница се изведени вкупно 16 објекти за премостување (мостови, надпатници, потпатници и плочести пропусти) кои се со ширина на асфалтен коловоз од 12.5м. На експресниот пат се изведени и 3 патни јазли (клучки): Клучка Ињево; Клучка Радовиш; и Клучка Штип Запад. Сите клучки се изведуваат со осветлување согласно со највисоките стандарди. Реализацијата на досега завршените работи е  65% и ние сме задоволни од темпото на изведба на работите од страна на Изведувачот ШТРАБАГ и надзорот ГЕИНГ и ДИВИ.  Предвидениот рок за изградба е април 2022 година иако ние искрено очекуваме градежните работи да завршат и пред рок“, изјави директорот на Јавното претпријатие на државни патишта Ејуп Рустеми.

Експресниот пат А4 Штип-Радовиш е проектиран и изведен квалитетно и согласно со најновите и највисоките европски стандарди. Со спој на патниот правец А4 Штип–Радовиш со автопатот Миладиновци–Свети Николе–Штип се овозможува комуникација со регионите надвор од државава и пошироко. Исто така, со изведбата на овој пат се скратува времето на патување, сообраќајот ќе се одвива побезбедно, а ќе се намалат и трошоците на учесниците во сообраќајот.

Сподели: