Рустеми: „23 километри модерна магистрална сообраќајница која ги поврзува Штип и Радовиш добиваат граѓаните од југоисотчниот регион“

Премиeрот на Владата на РСМ Зоран Заев, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие Ејуп Рустеми пуштија во употреба 23,56 километри од прва фазата од експресниот пат А4 Штип–Радовиш, поточно од клучка Штип југ до Бучим.
Безбеден ескпресен пат добија граѓаните од југоисточниот регион, а оваа модерна магистрална сообраќајница која ги поврзува Штип, Радовиш и Струмица претставува основна патна врска меѓу Источна и Западна Македонија. Вкупната проектирана, пак, должина на комплетниот експресен пат А4 е 40,46 километри.

Во оваа прилика премиерот Заев рече дека двојно се скратува патувањето и пристигнувањето на граѓаните до главниот град.

„Сакам да напоменам дека во последните триесет години ова е единствениот пат завршен пред предвидениот рок и силно верувам дека овој тренд на прецизност, висока професионалност и без никакви проектни и градежни отстапувања ќе се следи и во иднина.  Ова е пример како функционира Владата, Јавното претпријатие за државни патишта, во соработка со сите инволвирани страни во процесот“, рече премиерот Зоран Заев.
Директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми ги нагласи техничките квалитети на експресниот пат, кој е со по една коловозна и помошна лента, и со ширина од 11.4 m., и претставува основа за можен иден автопат. Максималната брзина на движење на возилата е 110 километри на час.

„Оваа прва фазата од експресниот пат А4  во време на пандемија е комплетно завршена во предвидениот рок од 3 години. Изградена е согласно со важечките прописи и стандарди со издвоена вкупна вредност од 45 милиони евра. Заради подобро поврзување со блиските населени места на експресниот пат изведени се вкупно 40 објекти за премостување, односно 4 (четири) клучки согласно со највисоките стандарди, 7 (седум) надпатници и подпатници, 11 (единаесет) мостови и вијадукти, и сето ова за полесен пристап на граѓаните до и од експресниот пат. По целата должина на патот има заштитна жичена мрежаста ограда за побезбеден сообраќај. Експресниот пат А4 Штип-Радовиш е проектиран и изведен квалитетно и согласно со најновите и највисоките европски стандарди. Со спој на патниот правец А4 Штип–Радовиш со автопатот Миладиновци–Свети Николе–Штип се овозможува комуникација со регионите надвор од државава и пошироко. Исто така, со изведбата на овој пат се скратува времето на патување, сообраќајот ќе се одвива побезбедно, а ќе се намалат и трошоците на учесниците во сообраќајот“, подвлече Русртеми во своето обраќање.

На отворањето беа присутни повеќе гости меѓу кои и заменик директорот на ЈПДП Благојче Трпевски, пратеници и градоначалници од овој регион и шефот на ЕБОР Анди Аранитаси.