Јавното претпријатие за државни патишта отпочна со целосна рехабилитација на регионалниот пат Р1202, делница Маврови Анови-Жировница во должина од 18,46 км, инвестиција вредна 6,18 милиони евра. Трасата на оваа делница всушност е продолжение на веќе рехабилитираната делница Бунец–Маврови Анови.
Со проектот за рехабилитација на Маврови Анови-Жировница предвидено е да се изведат повеќе градежни зафати, како што се еднослојна и двослојна надградба на сегменти од трасата каде што површинските оштетувања се поизразени, нова коловозна конструкција на делови од трасата каде што коловозот е во лоша состојба, предвидена е и санација на 8 мостови, реконструкција, доградба и изведба на нови потпорни ѕидови, нова сообраќајна сигнализација, обележување на патот и други работи со кои ќе се подобри безбедноста на делницата.
„Во моментов се работи на расчистување на теренот лево и десно од патот, на чистење на пропусти, санација на мостови, како што е оваа санација на мостот на којшто сега вршиме увид. Се работи и на реконструкција и доградба на постоечките потпорни ѕидови, како и на изведба на нови потпорни ѕидови. За нас како Јавно претпријатие за државни патишта безбедноста е пред сѐ. Затоа, очекуваме Изведувачот на работите JV “ISA 2000 – PELAGONIJA”, од Гостивар квалитетно и навремено да ја заврши доверената работа, а Надзорен орган над работите е ГИМ заедно со ЕВРО Консалтинг и ИРД Енгинееринг. Воедно сакам да најавувам дека за брзо ќе следува постапка за изградба на регионален пат Р2246 делница, Извор (спој со А2) – Гарски Мост“, Ејуп Рустеми, директор на Јавно претпријатие за државни патишта.
Целта на проектот е да се добие оптимално решение со што ќе се обезбедат подобри услови за одвивање на сообраќајот, што значи безбедно, побрзо и непречено одвивање на сообраќајот, соодветно на категоријата на патот при што ќе се скрати времето на патување помеѓу Кичево и Дебар, како и во Југозападниот плански регион на Република Северна Македонија.