Skip to content

Рустеми: „Уште една лента добива автопатската делница Катланово-Петровец“

Рехабилитацијата на А1 автопатска делница Катланово-Петровец е со цел да се подигне нивото на безбедноста на учесниците на сообраќајот. Десетте километри што се рехабилитараат на левиот и десниот коловоз ќе бидат и проширени со уште една лента со што ќе се добие комплетна автопатска делница по сите стандарди.
Увид во градежните работи извршија директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Рустеми информираше дека проширувањето со трета лента се врши во внатрешниот зелен појас на автопатот со цел да се избегне дополнителна експропријација.

„На левиот коловоз се руши постоечкиот мост над Ржанички канал од причина што мостот е со две коловозни ленти и ќе се изгради нов со 3 коловозни ленти. Сега се работи на долниот строј од новиот мост и избетонирани се 4 колови за темелење на новиот мост, 3 главни носачи и се армираат останатите носачи. Исто така, ќе се изврши рехабилитација и на десниот коловоз, а пред клучката Катланово, во должина од околу 460 метри ќе се изврши проширување на коловозот со уште една лента, а на мостот над Ржанички канал ќе се изврши само рехабилитација. “, рече Ејуп Рустеми директорот на Јавното претпријатие за државни патишта.

Инвестицијата во активностите за рехабилитација и проширување на делницата во должина од 10 километри изнесува 7,2 милиони евра.

„Оваа делница од Коридорот 10, дел од европските коридори, за нас е многу значајна транзитна патна врска и ова е начинот како да воспоставиме квалитетен, модерен и безбеден автопат ако сакаме да ја одржиме стратешката позиција на земјава во делот на транзит на овој Коридор“, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Изведувач на работите е Бетон, а главен Надзор е ГИМ заедно со Евроконсалтинг и ИРД. Јавното претпријатие за државни патишта очекува во периодов што следува кога временските услови ќе се подобрат да се забрза темпото на изградба и да добиеме безбедна и брза автопатска делница.

Сподели: