Skip to content

Рустеми: „Започнуваме со уште посилно темпо на изградба на Скопје-Блаце, автопатска артерија што не поврзува со регионот“

Првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми извршија увид во градежните работи на патот Скопје – Блаце, кој е важен за поврзување на Република Северна Македонија со земјите од регионот. Овој проект е од особено значење, пред сѐ заради подобрување на економските врски со Косово кој е наш значаен трговски партнер, а изградбата на автопатската делница ќе даде дополнителен импут во зголемување на трговските релации.

„Денеска заедно со министрите извршивме увид во градежните работи на автопатот Скопје – Блаце, а од Изведувачот и Надзорот бевме информирани дека во моментов се работи на земјени работи, односно ископ на усек и отпочнување на активности за насип, се работи на техничко решение за дислокација на подземните инсталации сопственост на Телеком, ЕВН, А1 и МВР кои се во завршна фаза и припреми за бетонски активности (пропусти, натпатници, подпатници). Експропријацијата е завршена, а вредноста на проектот изнесува 881,742,867.03 (со ДДВ) или 14,26 милјона евра, средства обезбедени од буџетот на ЈПДП“, рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.

Изведувач на работите на овој дел од делницата е Гранит, а надзор е ГИМ. ЈПДП очекува сега откако полека се создаваат и поповолни временски услови да се започне со уште посилно темпо на изградба бидејќи оваа автопатска делница е една од клучните артерии за наше поврзување со останатите земји од регионот.

Вицепремиерот Артан Груби изрази задоволство од она што го виде на терен.

„Работите се започнати тука веќе на првите два километри и во меѓувреме Јавното претпријатие работи и на вториот дел од проектот коишто се 10те километри до обиколницата на градот Скопје, а истовремено имам огромна чест и задоволство да ја информирам јавноста дека сме во разговори и со градоначалникот на градот Скопје за проектирање и изведба на качаничкиот пат во булеварско решение“, изјави Груби.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски по увидот рече дека има отворен фронт за работа, а изведувачот забрзано работи и ќе работи во текот на целата градежна сезона.
„Нашата намера е модерно автопатско решение, по сите меѓунартодни стандарди, безбеден за сообраќај, а со тоа ставаме крај на една ера на лоша регионална поврзаност со соседите“, рече Бочварски.

Инаку, предвидено е изградата на автопатот Скопје-Блаце да се гради во 2 делници. Првата делница е од Граничен Премин Блаце до с.Блаце. Преостанатиот дел од делницата е од с.Блаце до клучка Стенковец, и е во должина од околу 10,5км, ќе се финансира со заем од ЕБОР и инвестициски грант од ВБИФ, а вкупната должина е 12.5 километри.
За втората делница во подготовка е проектната документација, проектантот има изработено идеен проект и се врши теренско снимање на трасата и геомеханичко и геотехничко истражување, односно се вршат истраги на трасата.

Сподели: