Skip to content

Рустеми: После 50 години санaција на „Искрин мост“, инвестиција вредна 1,9 милиони евра

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи извршија увид во градежните работи на мостот на река Пчиња на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, кај село Доброшане познат како „Искрин мост“, кој е еден од најдолгите мостови во државата, со должина од 355 метри.

Мостот не се карактеризира само со тоа што е најдолг, туку и со тоа што откако е изграден пред речиси 50-тина години не е саниран и се наоѓаше во исклучително лоша состојба. Јавното претпријатие за државни патишта од својот буџет издвои 1,9 милиони евра и минатата година на почетокот на јуни започна со санација на мостот.

„Досега комплетно се санирани 4 средни столба, а на 3 столба во моментов се врши санација. Исто така, паралелно се работи на зајакнување на двата главни и попречните челични носачи се врши таканареченото пескарење на носачите, зајакнување на одредени делови и нивна анти корозивна заштита“, изјави  директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми по извршениот увид.

Рустеми потенцираше дека санацијата на мостот се одвива побрзо од предвидена динамика и изрази надеж дека комплетната санација ќе заврши предвреме, со што ќе се овозможи безбеден премин по мостот на учесниците во сообраќајот на овој патен правец.

Инаку, мостот самиот по себе е специфичен поради тоа што главните носачи се челични и со армирано бетонска плоча. Предвидена е негова целосна реконструкција и во моментов се работи на долниот строј на мостот, односно на зајакнување на средните столбови со нивно  проширување. Мостот има 8 средни столбови и два крајни, средните се со висина од околу 20м.

По завршување на работите од долниот строј на мостот ќе следат работи на горниот строј. Предвидено е замена на старите лежишта со нови, зајакнување на постоечката коловозна плоча со армирање и бетонирање на нови 13 см бетон по целата ширина и должина, поставување на нови дилатациони спојници, поставување на нова хидроизолација, изработка на нови тротоари од двете страни на коловозот на кои ќе се постави и еластична одбојна ограда по европски стандарди од типот H2 W4 и на кројот по целиот мост ќе се изведе нова асфалтна конструкција со што ќе се заврши целата реконструкција на мостот. Предвидениот краен рок на изведување на градежните работи е 24 месеци, односно до јуни 2022 година.

Минстерот за траснпорт и врски Благој Бочварски рече дека реконструкцијата на овој мост е доказ за успешната реализација на капиталните проекти. Потсети дека досега се рехабилитирани повеќе мосотови на државните патишта.

„Досега се рехабилитирани вкупно 11 мостови на државните патишпта, а во моментов активно се работи на три мостови меѓу кои и на овој. Тоа што е многу важно, а што сакам да го потенцирам е дека и оваа година продолжуваме со силна инвестициона активност во целокупната инфраструктура во државата“, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, и додаде дека годинава се планирани преку 200 милиони евра инвестиции во патната инфраструктура.

Сподели: