Skip to content

Китанов: 7,2 милиони евра инвестиција за рехабилитација на постоечкиот коловоз и проширување на автопатот А1, делница Катланово-Петровец

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски извршија увид во рехабилитацијата на автопатот А1, делница Катланово–Петровец. Градежните активности опфаќаат обнова на двата коловоза и проширување. Се спроведуваат преку Програмата за изградба и одржување на патиштата  на ЈПДП, а средствата се обезбедени од ЕБОР.

Притоа Китанов го информираше министерот Бочварски за предвидените активности посочувајќи му дека делот во кој се врши увид и изведуваат работи во моментов е најстариот дел од автопатот којшто требало да се рехабилитира уште пред десетина години, но за жал не се направило тоа. Рехабилитацијата со проширување опфаќа 5,179 киометри од десниот и 4.752 киометри од левиот коловоз. На терен се во тек активности за гребење на постоечкиот асфалт на десниот коловоз. На левиот коловоз ќе се изврши рехабилитација на постоечкиот коловоз и проширување со плус уште една коловозна лента.

„На овој потег сега има само две коловозни ленти. Проширувањето ќе биде во внатрешниот зелен појас на автопатот со што ќе се избегне дополнителна експропријација. На левиот коловоз ќе се руши постоечкиот мост над Ржаничиски канал од причина што мостот е со две коловозни ленти и ќе се изгради нов со три коловозни ленти”, информираше директорот на ЈПДП Зоран Китанов и додаде дека: „И на десниот коловоз на оваа делница ќе се изврши рехабилитација на постоечкиот коловоз, а пред клучката Катланово, во должина од околу 460 метри ќе се прошири со уште една лента, каде што исто таа сега има само две ленти. На десниот коловоз ќе се изврши само рехабилитација на мостот над Ржаничискиот канал. Согласно со основните проекти, на левиот и десниот коловоз, во целост ќе се замени постоечката еластична ограда и ќе се вгради нова. Ќе се изврши рехабилитација на одводните канали и ќе се замени 40 проценти од постоечката жичана заштитна ограда на автопатот”.

 

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека патиштата се приоритет број еден на Владата, како и дека продолжуват да работат со максимален фокус на реализацијата на капиталните инвестиции. Коридорот 10 е многу значаен за државата бидејќи е паневропски коридор. „Како што бев информиран се прави сериозна реконструкција и дури и рушење и реконструирање на мостот и на целиот слој на асфалтот заедно со подлогата. Коридорот 10 мора да биде највисоко можно ниво во делот на безбедноста и во делот на модернизацијата. Очекувам дека овде работите ќе завршат во наредните 10-12 месеци со што ќе имаме ефикасен  и безбеден транспорт бидејќи при оваа реконструкција ќе се случат и одредени промени на заштитните огради, чистење на каналите што е исклучително и значајно за безбедноста поради одводот на патиштата во текот на движењето на сообраќајот по нив, а со тоа да ги намалиме и сообраќајните незгоди по нив”, рече Бочварски.

 

Директорот на ЈПДП Зоран Китанов воедно информираше дека оваа рехабилитација е една од 6-те кои се започнати пред 16-тина дена.
„На оваа делница се започна во исто време кога отпочнаа работите и на патните правци Маврови Анови–Жировница во должина од 18,5 км, делницата Кичево–Македонски Брод во должина од 25,75 км, делницата Карпалак–Желино во должина од 12,20 км, делницата Узем–Тораница во должина од 6.91 км, како и делницата Македонска Каменица–Саса во должина од 10 км. Овде, пак, во овој регион ќе биде едно големо градилиште бидејќи во октомври ќе се распишат тендери  за рехабилитација на автопатот А4 делница Хиподром–Петровец во должина од 10 км, рехабилитација на автопатот А1 делница Миладиновци–Петровец во должина од 8 км, рехабилитација на автопатот А2 делница Миладиновци–Хиподром во должина од 10 км,  како и рехабилитација на регионалниот пат Р1102 делница Катланово–Велес во должина од 20 км, а кои во моментов се во фаза на проектирање”, рече Китанов и потенцираше дека во целата држава во нареднава година предвидено е изградба и рехабилитација на 300 км патишта.

Видео од настанот тука.

Сподели: