Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов извршија увид во градежни работи што се одвиваат на изградбата на заштитната ограда на обиколницата Битола на државниот пат А3 (Е-65), во должина од 1 км и вредност од 0,50 милиони евра, средства издвоени од буџетот на ЈПДП.
„За прв пат во нашата држава се поставуваат звукозаштитни огради од овој тип, кои се еколошки, имаат висок коефициент на апсорбција на звукот, а се направени од бетонска маса во која се додадени гранули од гума добиена од рециклирани гуми. Овој концепт претставува економично и еколошко решение со кое ќе ги заштитиме граѓаните кои живеат во околината, а од друга страна ќе придонесеме за зголемена безбедност во сообраќајот. Очекувам проектот да биде завршен пред предвидениот рок, односно за месец, месец и половина. Во моментов се работат почетниот и завршниот дел, а веднаш потоа следува изградбата на средишниот дел во близина на куќите, кој ќе биде особено интересен, колоритен и на две нивоа”, изјави по извршениот увид директорот Китанов.
Тој уште информираше дека за овој дел од државата се предвидени сериозни инвестиции и рехабилитации на многу заборавени патишта.
„Но, тука не запираме. Оваа година ќе започнеме со рехабилитација на Кичево–Македонски Брод, Битола–Меџитлија, Крушево–Демир Хисар, Битола–Демир Хисар, Другово–Демир Хисар, а во тек е рехабилитацијата на патниот правец Крушево–Слива–Пуста Река. Во меѓувреме очекувам да ми биде доставена проектната документација за изградба на експресен пат Битола–Меџитлија и изградба на нова обиколница на Битола. Исто така, на мое огромно задоволство се привршува и проектот за изградба на автопат Прилеп–Битола, со што цела Пелагонија ќе добие нови патишта и модерна и рехабилитирана регионална патна мрежа“, изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече дека годинава е предвидено да се започне со рехабилитација на преку 170 километри патна мрежа во Пелагонискиот регион, инвестиција од околу 27 милиони евра, како и дека унапредувањето на патната инфраструктура во Пелагонија е од клучно значење за економскиот раст и квалитетот на живот на граѓаните во регионот.
„Во таа насока, сакам да истакнам дека во текот на следниот месец ќе објавиме тендери за рехабилитација на 7 регионални патишта во околината на Битола, Крушево, Демир Хисар и Прилеп. Проектот за изградба на звучните бариери на обиколницата на Битола е само дел од големиот инвестициски циклус кој го реализираме во Пелагонискиот регион. Тука ќе истакнам дека веќе го рехабилитиравме стариот пат од Прилеп до Битола, завршивме со рехабилитација на дел од патот од Битола кон Демир Хисар, ќе го рехабилитираме и останатиот дел од Битола – Демир Хисар, а ќе започнеме и со рехабилитација на постоечкиот пат Битола-Меџитлија. Она што е особено важно за овој регион е дека проектната документација за изградба на експресен пат Битола-Меџитлија ќе заврши до крајот на летото, веднаш потоа ќе биде објавен тендер и во најбрз можен рок ќе се започне со изградба на новиот експресен пат“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов истакна дека во првата фаза беше рехабилитирана обиколницата на Битола, а со изградбата на звучните бариери која се одвива во моментов претставува втора фаза од проектот за зголемување на безбедноста и унапредување на сообраќајот на обиколницата на Битола
Заменик-градоначалничката на општина Битола Емилија Костурски, потенцираше дека проектот за изградба на заштитната ограда на обиколницата на Битола значи решавање на три проблеми на граѓаните на Битола, односно контрола на бучавата, зголемување на безбедноста во сообраќајот и заштита на животната средина.
Денеска, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов извршија увид и во градежните работи за санација на свлечиштето на патниот правец Макази-Маркова Нога.