Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов извршија увид во рехабилитацијата на државниот пат А1 делница, врска со 1103 (Возарци)–Раец-Фариш. Вредноста на делницата е 1,56 милиони евра финансирани од ЈПДП, со должина од 9,1 км, и ширина од 6,7 метри.
Дополнително, комплетно ќе се рехабилитира целиот патен правец до Прилеп, инвестиција преку десетина милион евра, а следува и распишување на тендери за рехабилитација на преку 140 километри патишта во Пелагонискиот регион.
Се очекува рехабилитацијата на патот да заврши во првата половина на јуни годинава, а до овој момент завршено е со стругањето во должина од 9,1км, крпењето на ударните дупки, направени се локални санации на асфалтот, изработен е првиот слој од асфалт во должина од 2,9км, завршено е асфалтирањето на завршниот слој од полимер битумен во должина од 1км, како и еден мост.
Исто така, се работи на санација на четири (4) моста, а на два (2) моста се работи на подготвителни работи. Се очекува санацијата на мостовите да заврши во првата половина на јули 2020 година.
„Од овде до Прилеп очекувајте за година дена да биде завршен патот и да биде во цела должина со три ленти, рехабилитиран, реконструиран. За експресниот пат, пак за десетина дена го објавуваме тендерот и тој ќе може да продолжи да се гради. Понатаму, ако одите накај Битола ќе видите дека кај Баирот се гради една убава работа. Имено, за да не им пречиме на граѓаните коишто живеат во таа околија, а и тие за да бидат безбедни, во должина еден километар се прават звучни бариери од најнов тип, еколошки, колоритни и тоа ќе биде многу убаво за гледање. Првите ќе почнат да се монтираат како што ми јави изведувачот кон крајот на следната”, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов по извршениот увид.
Тој најави дека во подготвка се група проекти за рехабилитации коишто ќе се прават, а во нив се вклучени и неколку регионални патишта, како што се регионалниот пат Битола-Меџитлија, каде што ќе има комплетна рехабилитација, и од Битола до Кичево, до Демир Хисар, Крушево, Кривогаштани и др. За целата таа регија ќе бидат објавени тендери, и целиот тој склоп од 140-тина километри севкупно, ќе биде рехабилитиран комплетно.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече дека ова е значаен регионален пат за Прилеп, Битола, Ресен, и за Централниот дел на земјата и затоа се дава посебно значење на неговата рехабилитација бидејќи со тоа се зголемува безбедноста на патот.
„Кога сме кај Прилеп и Пелагонскиот регион , не очекува силна градежна сезона без разлика на изборниот процес. Предвидена е реконструкција на неколку патни прави и преку Македонија пат, така да насекаде низ регионот има силна градежна активност. Генерално капиталните инвестиции ги подигнавме на повисоко ниво од претходната година, градежната сезона е цела пред нас и уверуваме дека ќе се работи со позасилено темпо”, изјави министерот Сугарески.