Skip to content

ЈПДП на терен: Увид во градежните работи на свлечиштето Цуцка во Велес. Безбедноста пред сѐ!

За комплетна санација на свлечиштето (Цуцка) во Велес на регионалниот пат Велес- Градско се издвоени над 1 милион евра инвестиција со што долгорочно ќе се реши овој проблем.

Заканата за безбедноста на учесниците во сообраќајот на оваа  делницата „висеше” уште од 2018 година кога се појави проблемот и кога ЈПДП направи моментално интервентна санација којашто не беше трајна. Во меѓувреме беше изработен проект на Градежен факултет кој се тендерираше и се отпочна со вистинска санација на свлечиште. Деновиве интензивно се работи на трајно решавање на проблемот. Увид во градежните работи извршија министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на јавното претпоријатие за државни патишта Зоран Китанов и градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски.

Санацијата отпочна со правење на нова греда на потпорниот ѕид со широк обем и голема должина за да се сопре целиот одлив кој најчесто завршуваше на железничката пруга со што се загрозуваше и железничкиот сообраќај.   Потоа  сите длабнатини, пропаднатиот дел од патот каде што беше уништен и тампонот не само асфалтот беше саниран и е веќе тампониран.

„Веќе доаѓа на ред делот на т.н кавење, кое го прават симпатичните момци, кои некои ги викаат алпиниисти, од Хрватска, кои се од специјализирана фирма којашто се качува на овие косини горе и буквално рачно ги соборува сите карпи што се во нестабилна состојба. По завршувањето на овој дел ќе се отпочне со ставање на шипови во карпите, ставање на заштитни мрежи, бетонирање на истите за да се запре и одронувањето и продорот на водата во самите карпи којашто е и најголемиот штетник за овие работи и за  патиштата. После  следува асфалтирање. Според тендерската постапка рокот е некаде  октомври месец 2020 година, но во разговор со изведувачите и по тоа  што го гледаме на терен  мислам дека летово во август ќе биде завршено за добробит на сите патници, на граѓаните на Велес, како и да биде безбедно за сите учесници во сообраќајот на оваа патна траса. Во јуни месец ќе го објавиме и тендерот за рехабилитација на регионалниот пат Градско-Неготино”, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.

Тој уште рече дека во овој дел од поширокиот регион на Велес веќе се почнати или ќе отпочнат рехабилитации на неколку патни правци како што се: Голозинци – крстосница Врановци, Стари град – крстосница Богомила, Богомила – Црнилиште, Оморани – Теово и др.

Пред отприлика еден месец, пак, за прв пат на излезот Велес-Југ кон автопатот во должина од 4 км. се направи осветлување на автопатот со ЛЕД диоди со најсовремени канделабри.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески по увидот рече дека генерално во Велес се работи на сите полиња, дека има многу проекти и во Чашка, и во Градско, патно поврзување на Велес со Прилеп, односно инвестиции преку 70 милиони евра.

„За Велес обезбедивме 1 милион евра за санација на улици и патишта во општината и верувам дека што поскоро ќе се искористат тие средства за подобрување на локланата патна мрежа. Во овој момент министерството во соработка со општината работат на санација на водоводна и канализациона мрежа низ 12 улици низ градот, проект вреден преку 600 илјади евра”, изјави министерот за транспорт иврски Горан Сугарески.

Сподели: