Skip to content

Изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш е пример како треба да се реализираат капиталните инвестиции во државата

Премиерот на Владата на РСМ Оливер Спасовски, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов направија увид во градежните активности на изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш (I–фаза од клучка Штип југ до Бучим).
„Можам да констатирам дека изградбата на експресниот пат се одвива со одлично, забрзано темпо. Реализацијата на работите е извршена до 83%, и доколку дозволат временските услови се очекува експресниот пат да биде завршен и пред предвидениот рок. Крајниот рок за завршување на оваа делница, од клучка Штип-југ до Бучим, вредна 27,13 милиони евра, е април 2021 година”, изјави премиерот Оливер Спасовски по увидот.

Инаку, втората фаза од изградбата на експресниот пат опфаќа реконструкција на две под делници, од Три Чешми до Штип-југ и од Бучим до Радовиш во должина од 16.87 км и во тек се подготвителните работи на трасата.

Изградбата на овој експресен пат има големо влијание врз развојот на економијата и ќе придонесе за рамномерен регионален развој. Ќе се овозможи побрз транспорт на стоки, услуги, добра и луѓе. Експресниот пат Штип-Радовиш се надоврзува на автопатот Миладиновци-Штип и со мрежата од автопатното решение Штип-Радовиш, и со мрежата од експресни патишта меѓу градовите од овие региони, граѓаните побргу ќе можат да пристигнат во соседниот град.

Директорот на јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов по увидот изјави дека е извршено конкретно увид на најдолгиот мост од 350 метри, што се гради на експресниот патен правец Штип – Радовиш.
„Вакви мостови и вијадукти има 18 на целата траса. Посветеноста на сите чинители во изградбата на овој пат и според темпото и динамиката со која што се гради очекувам да биде завршен околу Нова Година. Исто така, сакам  да напоменам една многу битна работа, а тоа е дека овој пат се отпочна со завршена експропријација од 99 %. Значи никакви препреки немавме освен што препреки имавме во проектирањето каде што е натпатникот Југ Штип којшто беше замислен сосема поинаку, да оди одоздола и да биде на секои 14 месеци поплавуван, така беше проектот. Ние не дозволуваме такво нешто и сите други недостатоци се отстранети, така што ова ќе биде завршено. Во меѓувреме заврши тендерот и за вториот ЛОТ којшто е 8 км од Три чешми до мостот на Брегалница и 7 км  од Бучим до излезот на Радовиш и започнато е веќе со негова изведба, но во еден разговор со Иведувачите ги замоливме и ветија дека ќе се потрудат максимално, иако имаат рок  две години да го заврштат, но делот што е од Радовиш до Бучим забрзано да го завршат за да може кога ќе го пуштиме да го пуштиме како една целина затоа што „цело е кога има се“, изјави Китанов.

Инаку, овој видлив напредок во изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш е силен показател дека нашата земја се гради интензивно без посебно влијание на вонредната состојба заради коронавирусот.

Сподели: