Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на конференција за медиумите информираа дека и во време на пандемија капиталните инвестиции не запираат и дека има силно темпо на изградба на патишта, гасовод, комуналната мрежа и железницата. Сугарески и Китанов ја презентираа реализацијата на проектите во ресорот транспорт во првиот квартал од годинава.
„Капиталните инвестиции не запираат и во време на оваа пандемија, проектите се во тек, а градежните работи се одвиваат непречно. Имаме добра реализација на капиталните инвестиции во ресорот транспорт. Интензивно се работи на патиштата, на водоводи и канализации, се гради гасоводот и нови социјални станови“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Тој истакна дека реализацијата на капиталните инвестиции во Министерството за транспорт и врски изнесува 10 проценти. Потенцираше дека активно се работи на патната мрежа низ цела држава, на преку дваесетина проекти во комуналната инфраструктура, на изградба на двата магистрални гасоводи, на железницата и на изградба на преку петстотини социјални станови.
Директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов информираше дека првиот квартал е успешен, а изградбата и модернизацијата на патната мрежа во земјава продолжува со силно темпо.
„Градбите продолжуваат со несмалено темпо и покрај вонредната состојба. Одговорно тврдам дека нема да има кратење на капиталните инвестиции кои се однесуваат на инфраструктурните проекти. Јавото претпријатие за државни патишта продолжува да ја реализира Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација на државните патишта. Во таа насока, сакам да истакнам дека од предвидените 18.523.300.000 денари, за првиот квартал се реализирани околу 4 милијарди денари што значи дека нема никаков застој и работиме интензивно на терен согласно со временските услови и согласно со препораките воведени со вонредната состојба“, истакна директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов.
Потенцираше дека во моментов се работи на рехабилитација на повеќе делници во вкупна должина од 150 километри, во завршна фаза се тендерите за реконструкција и рехабилитација на 84 километри патна мрежа, а набрзо ќе се распишат тендери за рехабилитација на 15 патни правци со вкупна должина од 232 киломтери. Тој додаде дека се интензивно се работи на изградба на експресните патишта и рехабилитација на преку триесетина регионални и магистрални патни правци.