Во Охридско-Струшкиот регион во моментов е една голема градежна офанзива бидејќи се во тек повеќе рехабилитации на патишта, како и изградба и модернизација на дел од патната инфраструктура. Овие крупни инвестиции се реализираат преку Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта на Јавното претпријатие за државни патишта.
На увид во овој регион беа директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски. Тие извршија увид во работата на повеќе делници, а
една од нив е рехабилитацијата на регионалниот пат Вевчани-Октиси кон граничниот премин Ќафасан. Патниот правец е дел од Програмата на ЈП за државни патишта за 2019 година. Рехабилитацијата е започната минатата година во должина од 8 километри, а вредноста на инвестицијата изнесува 670 илјади евра.
Работите и натаму ќе се одвиваат со несмалено темпо, а во моментов, како што истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески се реализираат крупни инвестиции за изградба и модернизација на патната и комуналната инфраструктура, со вкупна вредност од околу 613 милиони евра во Охридско-Струшкиот и во Вевчанскиот крај.
„Покрај реализацијата на веќе започнатите проекти, годинава планираме значително да го подигнеме нивото на капиталните инвестиции за што предвидовме нови проекти за подобрување на целокупната инфраструктура во државата. Покрај изградбата на автопатот Кичево-Охрид како најкрупна инвестиција, во тек се рехабилитации на повеќе патни правци во овој регион, а во текот на следниот период започнуваме со нови рехабилитации, како на пример патните правци Охрид–Свети Наум, Струга–Ќафасан и други. Сакам да нагласам дека од голема важност е истовремено да работиме и на подобрување на локалните патишта и улици. За таа цел, преку Министерството за транспорт и врски како дел од проектот за локални патишта, општина Вевчани доби на располагање преку 540 илјади евра, а општините Охрид и Струга над 1 милион евра кои се наменети исклучиво за реконструкција на санација на локалните патишта и улици“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Градежните работи на регионалниот пат Вевчани-Октиси се очекува да бидат завршени до крајот на месецот, а исто така оваа година се започнува со рехабилитација и на патниот правец Струга–Ќафасан, најави директорот на Јавото претпријатие за државни патишта Зоран Китанов,.
„Во меѓувреме се работи и на рехабилитации на патните правци Струга–Мислодежда и Мислодежда–Збажди. Исто така, ја завршивме рехабилитацијата на патот Бороец–Јабланица каде што следува санација на свлечиштето, а денес заврши и изградбата на патот на потегот фабрика Вевчанка–Здравствен дом Вевчани, со што слободно можам да кажам дека во овој Струшко-Вевчански регион се работи на подобрување на патната мрежа како никогаш досега. Ова се патишта коишто се отпочнати во 2019 година согласно Програмата и согласно со временските услови сега се продолжуваат оваа пролет. Ние ги сослушавме желбите, поплаките и потребите на граѓаните од овие региони и затоа овие патшта се ставени да се рехабилитараат. Инаку, минатата година рехабилитиравме вкупно 500 километри патишта во државата, во моментов се работи на околу 100 километри рехабилитации започнати од есента минатата година, а се објавуваат тендери за рехабилитација на уште 465 километри патна мрежа. За патниот правец Струга-Ќафасан тендерот ќе биде објавен за дваесетина дена и веднаш потоа ќе почне да се работи“, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.
Во врска со автопатот Кичево-Охрид, одговарајќи на новинарско прашање директорот Китанов рече дека очекува до почетокот на летната сезона да бидат пуштени 5 километри од двете страни на автопатот од Охрид кон Струга, а до крајот на годината да бидат пуштени во употреба околу 15 километри од автопатот.
„За прв пат после 15 години државата инвестира во подобрување на патната мрежа во Вевчанскиот крај, што е од огромно значење како за квалитетот на живот на граѓаните, така и за поттикнување на туризмот и овозможување на локалниот економски развој”, изјави при денешниот увид градоначалникот на општина Вевчани Сашо Јанкоски.