Јавното претпријатие за државни патишта потпиша договор за санација на свлечиштето на регионалниот пат Р1308, делница Макази–Маркова Нога (близу село Штрбово, место викано Долги Рид). Овој регионален пат го поврзува градот Ресен и околината со Граничниот премин Маркова Нога.
Градежни работи коишто се предвидени за санација на свлечиштето се изведба на ободен канал кој ќе ги собира површинските води од теренот над свлечиштето, растоварување на природната падина, изведба на потпорна конструкција од АБ колови и соодветен потпорен ѕид со вкупна должина од 250 m, како и целосна реконструкција на постоечкиот пат со нов тампонски слој и нова асфалтна конструкција со што ќе се комплетира санацијата на свлечиштето.
Инаку, врз основа на димензиите на свлечиштето коешто има должина од околу 250 m и ширина 90 m, станува збор за свлечиште кое се класифицира како големо свлечише. При неговото настанување во 2018 година беше пробиена и оштетена асфалтната конструкција на патот. Свлечиштето се карактеризира како активно и манифестира одредени свлекувања во текот на целиот период од неговото настанување и затоа патот се одвива по времена девијација од тампон бидејќи на самата локација патот е затворен со времена сигнализација од страна на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта (Македонија пат). Во текот на 2019 година извршени се геомеханички испитувања на целиот потег на свлечиштето врз основа на што се изработи геомеханички елаборат, по што се изготви основниот проект за санација на свлечиштето и се распиша тендер. Рок за извршување на санацијата е 12 месеци од воведувањето во работа на изведувачот.