Моторџиите од денеска на полноќ плаќаат за 40 отсто пониски цени за патарина
Отпочна новата методологија со која од 00:00 часот ноќеска мотоциклистите плаќаат за 40 отсто пониски цени за патарина. Јавното претпријатие за државни патишта со ефективна примена на новите цени за патарина за моторџиите започнаа од денеска, 10 февруари 2020 година.
Имено, воведувањето на мотоциклите како нова категорија на возила што плаќаат патарина е на барање на Мотоциклистичката Федерација на Македонија, за што беше усвоена Одлука на ЈП за државни патишта во јуни 2019 година.
Мотоциклите со две тркала минатата година беа вклучени во посебна категорија на возила – категорија 1 А, со што тие од денеска плаќаат за 40 отсто пониски цени за патарина во споредба со автомобилите.
Надоместокот за употреба на пат за мотоциклите изнесува 20 денари на наплатните станици „Петровец“, „Миладиновци“, „Тетово“, „Гостивар“, „Глумово“ и „Желино“. Патарина во износ од 40 денари се плаќа на наплатните станици „Романовце“ и „Стоби“, додека 50 денари од правец е на наплатните станици „Сопот“ и „Отовица“, а 60 денари за правец се плаќа на наплатната станица „Гевгелија“.
Со ова се исправи повеќе децениската неправда и конечно мотоциклистите плаќаат помалку и поевтино од автомобилите.