Почитувани граѓани,
Упатуваме АПЕЛ до сите, а особено до учесниците во сообраќајот, да не се фрла отпад на и покрај патиштата. Фрлениот отпад е многу лоша слика за нас дома, но и за нас пред странските државјани кои ги користат нашите патишта.
ЈП за државни патишта има поставено канти за собирање на отпад на локациите на сите наплатни станици по коридорите VIII и X, како и на сите означени паркинг места за одмор.
Доколку забележите фрлање отпад на и покрај државните патишта, Ве молиме да испратите информација на contact@roads.org.mk или да пријавите кај надлежните служби.
Јавното претпријатие за државни патишта склучи договор со овластената компанија ДООЕЛ ЕКО КЛУБ – Битола да врши собирање и транспортирање на расфрлан отпад по должината на државните патишта А1 и А2 (коридорите X и VIII). Во периодот од август до октомври 2019 година (за 2,5 месеци) на двата коридора се собрани вкупно 483 м3 отпад. Од одредени локации отпад е собирано и по неколку пати, што значи дека расфрлањето се повторува.
На коридорот X и на обиколницата на Скопје (дел од коридорот VIII) собрани се вкупно 223 м3 отпад.
На коридорот VIII, односно на делот од Сарај до Гостивар собрани се 260 м3 отпад.
Собраниот отпад е транспортиран до локација на овластен управител со отпад за негово понатамошно постапување согласно законските прописи.
Расфрланиот отпад од секаков вид на и покрај патиштата значи:
– загадување на медиумите на животната средина (почва, површински води, подземни води, флора и други),
– опасност од појава на пожари,
– затрупување на системот за одводнување на патот и предизвикување поплави, свлечишта и сл.,
– привлекување животни кои може да ја загрозат безбедноста во сообраќајот,
– присуство на опасни материи кои може да дојдат во контакт со околниот биотоп и биоценоза;
– фрлениот отпад на коловозот претставува опасност за сите учесници после Вас!
Со отпадот од различен вид треба да се постапува согласно важечките законски прописи во државата. Секое непрописно постапување е казниво со закон.