Изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп ќе отпочне во наредниот период. Потпишан е договорот со Шпанската компанија Констракшн Рубау која ќе ја гради првата фаза од патот од Фаришка до Дреновска клисура во должина од 10 километри. Вредноста на Договорот изнесува 31, 8 милиони евра, а изведувачот во рок од 24 месеци треба да ја заврши изградбата на оваа делница.
Според Проектот, патот ќе биде со широчина од 12, 4 метри, со по две ленти од двете страни со широчина од 3, 5 метри и 2, 5 метри.
Изградбата на експресниот пат од Градско до Прилеп ќе се одвива во три фази. Втората фаза со должина од 16 километри ќе се гради од Градско преку Росоман до клучката Кавадарци,а третата фаза се планира да започне од месноста Тројанци до влезот на Прилеп во должина од 7, 5километри.
Во исто време потпишан е и договор за реконструкција на регионалниот пат Кочани – Делчево, во должина од 30 километри. Инвестицијата за целосна рехабилитација на оваа делница изнесува 6 милиони евра и се очекува градежните работи да започнат во наредниот период. Изведувач на овој проект е домашната компанија Гранит.