Регистрираните 148 жртви на сообраќајни незгоди во Македонија во минатата година, што е за 13,8 проценти повеќе во однос на 2014 година, може да се намали со продолжување на инвестициите во изградба и обнова на сообраќајната инфраструктура и истовремено подигнување на свеста за одговорно однесување во сообраќајот.
ФОТО: МИА
Тоа беше истакнато на отворањето на денешната конференција „Унапредувањето на сообраќајната инфраструктура-фактор за поголема безбедност на сообраќајот на патиштата“, во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски истакна дека Владата презема голем број мерки, насочени, пред се, кон подобрување на патната инфраструктура. Значајно е и подобрувањето на законските решенија, како што е најновата мерка за намалување на брзината на движење во населени места на 50 километри, но најважно е подигнувањето на свеста. – Само тогаш кога секој учесник во сообраќајот е свесен за последиците кои може да настанат од неодговорно однесување и возење бидејќи неприлагодената брзина е фактор број еден во сообраќајни незгоди, ќе забележиме позначително намалување на бројот на сообраќајки, изјави вицепремиерот Пешевски.
Анастасија Илиеска, државен секретар во Министерството за внатрешни работи , потенцира дека и покрај заложбите и големиот број спроведени кампањи со РСБСП за подигнување на сообраќајната култура, загрижува фактот што заклучно со минатата година МВР евидентирале 3.854 сообраќајни незгоди со потешки последици, што е еднакво на нивото од 2014-та односно се бележи зголемување за една сообраќајна незгода со потешки последици.
– Поразителен е фактот што во тие сообраќајни незгоди во 2015 година животот го загубиле 148 лица или за 13.8% повеќе од 2014 година кога таа бројка изнесуваше 130 загинати лица. Животот не е статистичка категорија, туку нешто бесценето, затоа велам дека безбедноста во сообраќајот треба и мора да се третира не само како стручна, туку и како сериозна општествена проблематика, рече Илиеска, најавувајќи дека МВР ќе реализира голем број превентивни, едукативни и репресивни мерки со цел унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Според Александар Стојанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта, добрата патна инфраструктура е еден од предусловите за поголема безбедност во сообраќајот. Со тековната изградба на трите автопати, нагласи, ќе се зголеми за 50 проценти автопатската мрежа во државата.
– За ЈП за државни патишта императив се активностите поврзани со модернизација на патната инфраструктура, изградбата на нови патишта, но и преку рехабилитација и реконструкција на постојните, рече Стојанов, истакнувајќи ја важноста за безбедноста во сообраќајот на спроведените проекти од претпријатието за осветлување и поставување хоризонтална и вертикална сигнализација.
Стојче Стаменковски, претседател на РСБСП, нагласи дека подобрувањето на патната инфраструктура и сообраќајната сигнализација директно придонесува за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, а со тоа и за намалување на бројот на настрадани лица во сообраќајни несреќи.