Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Александар Стојанов направија обиколка на градежните работи и на асфалтирањето на клучката на влезот во Кочани.
– Се работи за рехабилитација и асфалтирање на делницата од влезот во Кочани во должина од 1.200 метри во вкупна вредност од 8,5 милиони денари, изјави Мисајловски.
Министерот информираше и дека е распишан тендер за изградба на патот Кочани-Делчево, во должина од 30 километри, во вредност од 10 милиони евра. Со изградбата на овој патен правец, истакна, ќе се отпочне кон крајот на годината.
На прашање до каде е постапката за осветлување на клучките во Кочанско, директорот на ЈПДП Стојанов истакна дека во кочанско-виничкиот регион целосно се осветлени клучките кај Оризари и за влез во Виница од магистралниот пат Кочани- Делчево.
– Останува да се осветли клучката кај Кочани кон Зрновци. Договорот е потпишан со изведувачот и очекуваме да се пристапи кон осветлување и на оваа клучка, рече Стојанов.