Во Министерството за финансии денеска беа потпишани договорите со Светска банка за заем од 83 милиони евра за реализација на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка.
Договорите за заем и за гаранција ги потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, директорката на Канцеларијата на Светска банка во Македонија Анета Нацева и директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов. На потпишувањето на договорите присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.
Фото: МИА
– Со потпишувањето на овој договор станува реалност експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка. Пат кој е од исклучително големо значење за граѓаните од североисточниот дел на Македонија, но и за сите граѓани што патуваат кон Бугарија, бидејќи ќе се изгради нов модерен пат со по две ленти од двете насоки и кој ќе овозможи побрз и побезбеден проток, изјави по потпишувањето вицепремиерот Ставрески.
Според вицепремиерот Ставрески, реализацијата на овој поект е резултат на успешната соработка со Светска банка.
Проектот, како што рече директорката на Канцеларијата Бојана Нацева, е предвиден во Стратегијата на Светска банка за патна инфраструктура во РМ поради важноста на патната мрежа за растот и конкурентоста на земјата.
– Со инвестирање во патната инфраструктура Македонија ќе обезбеди подобра поврзаност со регионалните пазари и ќе стане попривлечна дестинација за инвеститорите .
Според вицепремиерот Владимир Пешевски, договорот е продолжување на инфраструктурната експанзија во Република Македонија .
– Покрај жителите на овој регион, кои долго време го бараа, туку и сите жители на РМ, особено оние кои се занимаваат со економија и кои ги имаа запоставено односите со истокот, со овој пат се реализираат услови за засилена трговија и полесен транспорт на луѓе, стока и конечно предуслови за развој на туризмот, рече Пешевски.
Како што истакна министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски со овој проект Владата покажува дека го задржува континуитетот во изградбата на квалитетна инфраструктура.
– Тоа го покажува и фактот што во моментов се градат три нови автопати со вкупна должина од 156 километри и инвестиција од над 800 милиони евра. Само во еден месец почнавме со изградба на 5 регионални патни правци со должина од 155 километри и вкупна инвестиција од 10 милини евра, изјави Мисајловски и додаде дека овој месец или најдоцна следниот ќе почне рехабилитација на шест регионални патни правци.
Според директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов ќе се изгради нов модерен пат од 26 километри со променлива ширина од 11,4 до 12,5 метри. – Делницата, како што рече, е поделена на два дела од Крива Паланака-Глобочица и Глобочица – Страцин. Ќе содржи и 22 моста, 9 натпатници и 13 пропусти и 2 клучки.
Изградбата на делницата треба да почне на пролет и да заврши за три години, односно до крајот на 2019 година.