Skip to content

Градежните работи на експресниот пат Велес – Кадрифаково во полн ек

Реконструкцијата на 26-километарската делница од Велес до Кадрифаково се одвива според планираната динамаика. Над 60 проценти од градежните работи на втората фаза која  ја опфаќа делницата од крајот  на третата лента ( депонија Велес) до  Лозово, во должина од 8,9км се завршени. Во моментов интензивно се работи на  поставување на првиот слој на асфалт.

До крајот на идниот месец планирано е со прв слој на асфалт да бидат покриени 8,9 км по што ќе следи и поставување на вториот слој на асфалт. Предвидено е и целосно обновување на сообраќајната сигнализација согласно современите прописи и стандарди. Вредноста на инвестицијата на втората фаза изнесува 5,77 милиони евра.

Според планираната динамика се одвиваат и активностите  за отпочнување на градба на нови делници.

.„Очекувам наредниот месец да се потпишат договори за пет нови регионални правци: Дојран-Николиќ, Мокрено-Смолари, Брвеница-Чегране, Ресен-Буково и Ново Село–Маврово-Дебар. Македонија со ова ќе добие над 70 километри нови патишта, модерни со сигнализација како што доликува на секоја европска држава“, изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски по извршениот увид во градежните работи .

Покрај изградбата на нови автопатски делници, модернизацијата на регионалните патишта подеднакво се работи и на подобрување на локалната  патна инфраструктура.

„Моментално од 46 локални патишта кои беа предвидени за оваа година, 15 се веќе завршени, 21 се во работа, така што до крајот на годината очекуваме сите патни правци да бидат завршени“, истакна директорот на ЈП за државни патишта, Александар Стојанов.

Сподели: