Во завршна фаза е санацијата на Мелнички мост пред Дебар. Изграден е 1970 година, а ова е прва негова обнова по повеќе од 40 години. Мостот е со должина од речиси 370 метри.
„Очекуваме деновиве и званично да ги завршиме работите со извршување технички прием од страна на надзорниот инженер и изведувачот. Оваа година во земјава отпочнавме со санација и градба на пет мостови, две градби и три санации. Целата таа инвестиција за оваа година не чини над 160 милиони денари“, изјави Љупчо Георгиевски, директор на ЈП за државни патишта.
Со санацијата заштитен е и цевководот за водоснабдувањето на Дебар. Градежно санационите работи се со инвестиција од 69,6 милиони денари.
Покрај обновата на мостот, осветлена е и делницата во должина од 650 метри, со поставување на 18 канделабри.Осветлувањето е со систем за заштеда на електрична енергија. Инвестицијата е во вредност од околу 2,3 милиони денари.
Годинава осветлени се околу 10,5 километри клучки и патишта во вредност од околу 44 милиони денари.