Договорот денес го потпишаа Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски и Потпретседателот на турската компанија “Аселсан” Суат Бенгур во присуство на Вицепремиерот и Министер за финансии Зоран Ставрески и Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Инвестицијата е во вредност од 18,7 милиони евра, од кои 15,8 милиони евра Владата на Република Македонија ги обезбеди со заем од Европската банка за обнова и развој, а останатите 2,9 милиони евра се буџетски средства.
Со Договорот предвидена е реконструкција, проширување и модернизација на постоечките наплатни станици на Коридорот 10: Петровец, Сопот и Отовица, дислокација, модернизација и удвојување на наплатните ленти на станиците Романовце и Градско, како и изградба на две нови наплатни станици кај Демир Капија и Гевгелија.
– Потпишувањето на Договорот е уште еден исчекор на Владата во насока на вложување во транспортната инфраструктура и тоа токму на најзначајната транспортна артерија низ Македонија – Коридорот 10 низ кој минува 70 проценти од вкупната трговија на стоки низ државава, рече по потпишувањето на договорот Вицепремиерот Ставрески.
Според Министерот за транспорт и врски Јанакиески, и покрај тоа што ќе се воведе автоматизиран начин на наплата со целосно исклучување на човечкиот фактор ниту еден вработен во Јавното претпријатие нема да остане без работа.
Директорот на ЈП за државни патишта Георгиевски истакна дека со изградбата, реконструкцијата и модернизацијата на наплатните станици и инсталацијата на електронскиот систем за наплата на патарината на автопатот Александар Македонски ќе се овозможи брз проток на возила низ патарините , а со тоа и времетраењето на поминување на наплатните станици ќе биде сведено на минимум.
Според потпретседателот на „Аселсан“, системот кој треба да го спроведат е веќе применето решение во пракса за автоматска наплата на патарини и се користи повеќе од 15 години во услови на густ сообраќај во Турција.
– Системот што ќе се спроведе во Македонија е уште понапредна верзија на овој систем. „Аселсан” се надева дека проектот исто така ќе помогне за унапредување на и онака добрите односи помеѓу двете држави, рече Бенгур.
За година и половина наплатата на патарините долж Коридорот 10 треба да се одвива комплетно електронски преку бесконтактни смарт-картички и микробранови транспондери со кои возачите ќе можат да поминуваат со намалување на брзината на движење без застанување.