Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, директорот на ЈП за Државни патишта Љупчо Георгиевски и градоначалниците на Свети Николе, Штип и Лозово, Зоран Тасев, Илчо Захариев и Орце Цветковски денеска направија увид на почетокот на градежните работи на патот Велес-Кадрифаково, делница од Лозово преку Сарамзалино до Кадрифаково.
Третата фаза од Велес Кадрифаково е во должина од 10,9 километри, во вредност од околу 7,5 милиони евра, и истата треба да биде готова за 18 месеци односно до април 2016 година.
Министерот Јанакиески истакна дека делницата Велес Кадрифаково е многу значајна за источниот регион на Македонија.
– Оваа делница има неколку црни точки,а со нејзина изградба двојно ќе се зголеми широчината од сегашните 6,5 метри на 11 метри, со тоа што дел од црните точки целосно ќе бидат избегнати . Со ова ќе се направи сосема нова траса каде што возилата ќе се движат со брзина од 80 до 100 километри на час, рече министерот Јанакиески.
Како што појасни директорот на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски патот Велес-Кадрифаково чини околу 15 милиони евра, средства обезбедени од Владата со заем од Европската банка за обнова и развој.
– Во овој момент во земјава преку ЈП за државни патишта и ресорното Министерство за транспорт и врски активни се градби на регионални и магистрални патишта од околу 55 километри кои треба да бидат завршени во 2015 година или вкупна инвестиција од над 30 милиони евра. Воедно досега од 2010 година до денеска се завршени повеќе од 680 километри локални патишта , инвестиција од над 55 милиони евра.