ADP
Република Македонија Јавно претпријатие за државни патишта

ИСТОРИСКИ РАЗВОЈ

Во повоениот период од 1945-1957 година, патиштата во Македонија се наоѓале во катастрофална состојба. Првите чекори во процесот на обновување на патиштата биле направени од новоформираните секции за патишта со седишта во Скопје, Тетово, Куманово, Велес, Штип, Битола и Охрид.

Координирањето на работата на секциите во тој период ја врши Републичката дирекција за патишта, која покрај другото се грижела и за проодноста и одржувањето на основната патна мрежа. Нивна примарна задача била обновата и реконструкцијата на дел од патиштата, а како резулатат на тоа биле модернизирани повеќе од 200 км. патишта.

Карактеристично за следниот период од 1958-1965 година, е тоа што работите заземаат се посилен замав. Во 1966 година е донесена првата програма за изградба на патишта, а тоа значи дека веќе почнува да се работи плански и долгорочно. Главната заслуга за тоа ја имаат тогашното Министерство за сообраќај и Републичката дирекција за патишта. Во овој период е формирана и Дирекцијата за изградба на автопатот ”Братство - единство”, кој поминува низ Македонија во должина од 162 км.

Во април 1965 година е формиран Републичкиот фонд за патишта, а дотогаш во Македонија се изградени, реконструирани и модернизирани патишта во должина од 611 км.

Во 1966 година за првпат претпријатијата за патишта се интегрираат во едно претпријатие, Македонија Пат. Во истиот период е изработена и петгодишната програма за реконструкција на патната мрежа до 1970 година. Инвеститорските функции за реализирање на оваа програма до 1969 година биле под ингеренции на Македонија Пат, додека веќе во 1970 година, истите ги презема Републичкиот фонд за патишта.

Според програмата со која се предвидувало да се реализираат 425,4 км. до 1970 година биле изградени и реконструирани вкупно 372,4 км. додека останатите 52 км. биле реализирани во 1972 година.

Работата за обнова на патната мрежа не запира тука. Во периодот до 1975 година се работи интензивно, а доказ за тоа се ново изградените 11 патни правци во должина од 537 км. Во овој период, за извршување на финансиската програма е формиран Совет за изградба, одржување и реконструкција на патиштата, во чии рамки била организирана и функционирала стручна служба.

Примарна задача на Советот во периодот што следува е изградбата на автопатот Братство-Единство. Овој значаен проект е реализиран до 1980 година благодарение на распишаниот заем за патишта, како и на учеството на жителите од целата Република. Покрај овој крупен зафат изградени се 431 км. патишта и рекордни 1.537 км. локални патишта.

Реализацијата на проектите предвидени во среднорочната програма за периодот од 1981 до 1986 година, ги презема ново формираниот Републички СИЗ за патишта. Во овој период СИЗ-от ја презема целокупната координација на работите околу изградбата, реконструкцијата и модернизацијата на патиштата. Во ова среднорочие изградени се преку 630 км. патишта до селата, а на критичните места се поставени нови пунктови за одржување на патиштата.

Изминатиот период, дел од патните правци се изградени преку странски заеми, додека за периодот до 1988 година карактеристично е тоа што изградбата на патиштата се реализира преку сопствени средства. За првпат како приходи се користат собраните средства од патарина од наплатната станица на автопатот Куманово - Велес. Истовремено е завршена и изградбата на наплатните станици Куманово, Сопот и Отовица.

Иако со застарена технологија и минимални средства, сепак успешно се направени првите чекори во инвестирањето и изградбата на патната мрежа во Македонија. Генерално развојот на патната мрежа во повоениот период е успешно реализирана благодарение на големата упорност на СИЗ-от за патишта.

Со донесувањето на Закон за јавни патишта од 1996 година, до 2008 година функционира Фондот за магистрални и регионални патишта на Република Македонија.

Со донесување на Законот за јавни патишта од 11 јули 2008 година се основа Агенција за државни патишта како правен следбеник на Фондот за магистрални и регионални патишта на Република Македонија.

Со измените на Законот за јавни патишта од 27 декември 2012 година, основано е Јавното претпријатие за државни патишта коешто ги презема правата и обврските, вработените, имотот, средствата и архивата на Агенција за државни патишта.

© 2014, Јавно претпријатие за државни патишта. Сите права задржани.