ADP
Република Македонија Јавно претпријатие за државни патишта
Скопје, 14.02.2020

Објавен е оглас за градежно санациски работи на Искрин мост на реката Пчиња (Доброшане)

Јавното претпријатие за државни патишта објави оглас за градежно санациски работи на мост на Р1204 над река Пчиња (Доброшане), познат како Искрин мост. Огласот е објавен на 10.02.2020 година, а крајниот рок за доставување на понуди е до 16.03.2020 година до 11:00 часот за кога е закажано и јавното отворање.

Мостот е еден од најголемите мостови на државните патишта и е со вкупна осовинска должина од 355.50m. Регионалниот пат Р1204, пак, го поврзува Куманово со градот Свети Николе и служи како алтернативен пат на автопатот Миладиновци–Свети Николе. Со оглед на лошата состојба на мостот се утврди потребата од негова санација.

Градежните работи што се предвидени за санација на мостот се состојат од зафати за подобрување на употребливоста, како и продолжување на експлоатациониот рок. Мостовската конструкција, предвидува дилатациони делници на крајот од секој распонски носач, спречување на продор на вода на местоположбата на лежиштата и столбовите,  подобрување на хидроизолациониот слој на целата коловозна површина. Потоа, промена на уништените тротоари, на дотраената ограда со нова  еластична одбојна ограда по ЕН–стандарди (европски стандарди), како и промена на постојните лежишта со нови еластомерни лежишта итн. Проектот ги опфаќа сите потребни работи за доведување на објектот во состојба на употребливост според препораките на важечката техничка регулатива. Предвиден рок за извршување на работите е 24 месеци од денот на воведување во работите на изведувачот

Јавното претпријатие за државни патишта секогаш е во функција на потребите на граѓаните и со отпочнувањето на активностите за санација на Искрин мост ќе се подобри безбедноста на возачите од овој регион.

© 2019, Јавно претпријатие за државни патишта. Сите права задржани.