ADP
Република Македонија Јавно претпријатие за државни патишта
Крива Паланка, 06.02.2020

Означен почетокот на реконструкција и рехабилитацијата на патот Крива Паланка-граничен премин Деве Баир

На локацијата кај село Узем, Кривопаланечко, официјално беше означен почетокот на градежните работи за реконстукција и рехабилитација на постојниот државен пат А2 ,  на делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир со Република Бугарија, во вкупна должина од 13,2 км. Оваа делница ќе се реконструира со средства во износ од 12,5 милиони евра, а е во рамки на проектот „Побезбедно патување и подобра поврзаност на граѓаните на Северна Македонија“ поддржан од Европската унија и Програмата за инвестирање. 

Увид во стартот на градежните работи извршија директорот ЈП за Државни патишта Зоран Китанов заедно со претседателот на Владата на РСМ Оливер Спасовски, амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Самуел Жбогар, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на канцеларијата на Европска Банка за обнова и развој во Скопје, Анди Аранитаси, градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски,  директорот на Гранит, Зоран Милковски и директорот на Евро Консалтинг, Марјан Иванов.

Премиерот Оливер Спасовски рече дека ова е особено значајна модернизација на патниот правец кој е дел од Коридорот 8.
„Модернизацијата на Коридорот 8 е стратешка определба на нашата земја и заради регионалното поврзување и соработка како еден од најважните аспекти на интеграцијата во Европската Унија. Проектот, вклучувајќи ја и доизградбата на железницата на овој коридор, има  цел да го поврзе Црното Море со Јадранско Море. Пошироко, тоа е коридор кој преку Бугарија, Северна Македонија и Албанија, ги поврзува Блискиот Исток и Азија со Европската Унија”, рече Спасовски.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески истакна дека патот е значаен не само за регионот, туку и за целата држава, преку кој се олеснува регионалната трговија и  се подобрува транспортот на стоки и услуги.
„Реконструкцијата на регионалниот пат е воедно и олеснување на транспортот кон земјите од ЕУ, како и кон оние од Западен Балкан, а соочувајќи се со овој предизвик, имаме  посебен акцент на модернизација на патните правци кои водат кон граничните премини. Овој е еден од патните правци што е значајна алка за извоз на макеоднските производи. Патниот правец Крива Паланка-Деве Баир е еден од најфреквентните во товарниот сообраќај, а наша стратешка определба е модернизирање на трасата на коридор 8 што ја поврзуав оската исток-запад, поради што искажувам благодарност до ЕУ и ЕБОР што овозможуваат финансиска поддршка во реализација на вакви капитални инвестиции”, рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски.

Евроамбасадорот Семуел Жбогар, изјави дека како почесен граѓанин на Крива Паланка се радува за отпочнувањето на овој проект важен и за поврзувањето на државите и за зајакнување на економијата.
„Ова е прв проект од Берлинскиот процес што го почнавме бидејќи ЕУ цврсто верува во моќта на поврзувањето, поврзувањето на Софија-Скопје-Драч, Тирана, но патот воедно ќе биде и побезбеден за граѓаните, побрз и подобар за зачувување на животната средина. Истовремено, патот ја симболизира добрата релација со Бугарија како членка на ЕУ”, порача Жбогар.
Претставникот на ЕБОР за С.Македонија Анди Аранитаси, рече дека подобрувањето на поврзаноста и општинската инфраструктура во земјите од Западен Балкан е еден од приоритетите на ЕБОР во регионот: „Ние остануваме силен партнер во поддршката на овие напори. ЕБОР го финансира проектот со заем од 10 милиони евра, а ЕУ обезбедува 2,4 милиони евра инвестициски грант од програмата за Западен Балкан. Моментно, условите на постоечките патишта не се добри, има ограничувања од 50 километри на час, а поголем дел од делниците се со остри кривини. Подобрувањето на патот ќе го зајакне квалитетот на превоз на стока и луѓе и ќе го поттикне економскиот развој, како и регионалната интеграција”, рече Аранитаси.
Директорот на ЈП за Државни паришта, Зоран Китанов, потенцираше дека цело е кога има сѐ, а овој дел е значаен за заокружување на целината на патната инфраструктура до и од Крива Паланка.
„Еден од нашите приеоритети е и продолжување на подобрувањето на патната инфраструктура на коридорот 8 и Владата ќе работи на модернизација на овој коридор до ниво на автопат или експресен пат согласно со потребите и фреквенцијата на делницата, со цел посигурен и побрз транспорт на луѓе и стоки. Паралелно се врши целосна рехабилитација на стариот пат Крива Паланка-Ранковце што ќе заврши напролет. Минатата недела заврши тендерот и воведен е во работа изведувачот на делницата од Страцин до Ранковце, а во февруари ќе се работи од Куманово до Страцин, така што за година-две Крива Паланка ќе има комплетно обновена патна инфраструктура”, рече Китанов.
Изведувач на градежните работи е „Гранит“, а рокот за реализација е 24 месеци. Очекувањата се дека така по проширениот пат ќе се вози  најдоцна до почетокот на 2022 година. За вршење надзор над градежните работи е избрана компанијата „Евро Конслатинг здружена со Геинг.

© 2019, Јавно претпријатие за државни патишта. Сите права задржани.