ADP
Република Македонија Јавно претпријатие за државни патишта

ПАТАРИНА

Според член 58 од Законот за јавни патишта ("Службен весник на РМ" бр. 84/2008, бр.52/2009 и бр.124/2010) плаќање на надоместок за употреба на пат (патарина) може да се воведе за: 1) употреба на автопат, експресен пат, магистрален пат или нивен дел и 2) употреба на мост, вијадукт или тунел, изграден заради скратување на трасата на постојниот пат.
Начинот на одредување на висината и начинот за наплата на надоместокот за употреба на пат (патарина) за возилата со странска и домашна регистарска таблица е утврдена во член 4 од "Одлуката за висината и начинот на наплата на надоместокот за употреба на пат“, донесена од Владата на Република Македонија и објавена во "Службен весник на РМ" бр.89/2009.

Одлуката е донесена врз основа на член 58 став 2 од Законот за јавни патишта.

Прибирањето на надоместокот за користење на патот во Република Македонија се врши преку отворен систем за наплата составен од 10 наплатни станици.
Согласно Законот за јавните патишта (член 58, став 3) наплатата на надоместокот (патарината) за користење на патот го врши Јавното претпријатие за државни патишта, при што задолжително на корисникот му издава билет за патарина - фискална сметка која корисникот е должен да ја чува во возилото за цело време на движење на патот како доказ за наплатена патарина и да ја покаже на овластено службено лице, определено со закон.
Плаќањето на надоместокот за користење на пат (патарина) е задолжителна за сите корисници на патот, негов дел или објект на патот.

 

Согласно Законот за Регистрирање на готовински плаќања, член 2, задолжително е издавање на фискална сметка при готовински плаќања за извршениот промет, односно услуга.
 

Согласно член 69, точка 10 од Законот за јавни патишта и Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта („Сл.весник“ на РМ бр. 84/2008, бр.52/2009 и бр.124/2010),  Државниот инспекторат за транспорт преку државните инспектори за патишта се овластени да вршат надзор и контрола на наплатата на патарина.
 

Согласно член 79, точка 3 од Законот за јавни патишта и Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта („Сл.весник“ на РМ бр. 84/2008, бр.52/2009 и бр.124/2010) глоба во износ од 100 до 300 евра во денарска против вредност ќе му се изрече за прекршок ако  корисникот на патот, билетот за патарина – фискалната сметка или билетот за наплата на патарина со претплата не ја чува во возилото за цело време на движењето на патот или не ја покаже на овластени лица определени со закон.
Врз основа на членот 66 од Законот за јавните патишта и членовите 9 и 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта („Сл.весник“ на РМ бр. 84/2008, бр.52/2009 и бр.124/2010), се ослободуваат од плаќање патарина за време на служба возилата, и тоа:

  • Возила со полициска придружба

  • Видливо означени возила на Армијата на Република Македонија, полицијата, Царинската управа, Агенцијата, итната медицинска помош, Црвениот крст на Република Македонија, противпожарните служби, Државен инспекторат за транспорт, Дирекцијата за заштита и спасување, Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта “Македонија пат“ - Скопје и погребалните возила;

  • Возилата на лица заболени од дистрофија, мултиплекс склероза, церебрална парализа, параплегија, хемиплегија, квадриплемија, детска парализа (полиомиелитис), слепите лица со оштетување на видот над 90%, лица на дијализа и лица со ампутација на рака или нога со признато телесно оштетување над 80%, утврдено со акт на надлежната комисија во Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.

© 2014, Јавно претпријатие за државни патишта. Сите права задржани.