Мени

Увид во изградбата на експресниот пат Градско-Прилеп, делница Дреново-Фаришпечати

Скопје, 29.11.2022

И покрај тоа што настапи есенското променливо време интензивно се работи на изградбата на експресниот пат Градско–Прилеп, поточно на втората делница Дреново–Фариш каде што увид извршија заменик директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Благојче Трпевски заедно со претседателот на Владата на РСМ Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Во овој појас од само 10-тина километри се градат два тунела, 21 мост, 5 подвозници, 11 потпорни ѕидови, еден кружен тек на локалниот пат со клучка кај Дреново и еден вијадукт. Инаку, ширината на делницата Дреново-Фариш е променлива, па така 5 км се со асфалтна платформа од 12,4 m што одговара на експресен пат, а преостанатите повеќе од 5 км се со платформа од 17 m што одговара на автопат со намалена ширина.

„Денеска извршивме увид и во работите на тунелот и како што може да видите едната страна е пробиена, а на другата се работи на пробивањето, од трасата, пак 5 км се асфалтирани со прв слој и физичкиот прогрес на работите е 55 %. За делницата Дреново-Фариш која е 10.2 км издвоени се 33,3 милиони евра средства обезбедени од ЕБОР. На овој дел изведувач на работите е Синохидро, а надзор се ГЕИНГ ДОО и ЕВРО КОНСАЛТИНГ. Многу пати сме нагласиле дека овој патен правец е еден од најзначајните патни правци во државата. Низ него дневно поминуваат околу 6 илјади возила од сите категории и карактеристично е тоа што е патен правец каде што гравитираат многу товарни возила што дополнително го оптоварува. Токму од овие причини посветуваме внимание на изградбата на експресниот пат Градско-Прилеп со кој значително ќе се олесни протокот на стоки и услуги“, изјави заменик директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Благојче Трпевски.

Веќе е во завршна фаза и рехабилитацијата на патниот правец Фаришка клисура–Прилеп, превој Плетвар, во должина од 19 км и вредност од 5,6 милиони евра со што кракот Д на Паневропскиот транспортен коридор 10 ќе биде брз и безбеден за проток на сообраќај.

Сподели: