Мени

Рустеми: Инвестираме 24,74 милиони евра за изградбата на правата фаза од делницата Градско-Дреново која е дел од експресниот пат Градско-Прилеп печати

Скопје, 22.07.2021

Коридорот 10 е најважната меѓународна рута која поминува низ земјата и го поврзува регионот со останатиот дел на Европа. Токму затоа директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми во придружба со заменик директорот Благојче Трпевски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски извршија увид во изградбата на експресниот пат Градско-Дреново, пат кој е дел од кракот Д на коридорот 10, делница која оди од Велес кон Игуменица, преку Прилеп, Битола, Лерин, позната и како Виа Игнација.

„Експресниот пат Градско–Прилеп е поделен на три делници: Првата делница изградба на експресен пат Градско-Дреново, втората делница изградба на експресен пат Дреново–Фариш и третата делница проширување на патна делница од Прилеп до мост на Ленишка река и изградба на трета лента на патната делница од с.Беловодица-Каменолом Маврово.  Овој пат е еден од најзначајните патни правци во државата, каде што дневно поминуваат и над 6 илјади возила од сите категории. Делницата Градско – Дреново се финансира од Програмата за национални патишта, односно средствата се обезбедени од ИПА фондовите во висина од 21,75 милиони евра со национално ко-финансирање во висина од 3,7 милиони евра или вкупно 24,74 милиони евра. Проблемите што ги имавме во реализацијата на овој проект бидејќи изведувачот ја напушти трасата, се веќе зад нас. Изградбата на првата делница Градско-Дреново ја презема компанија Штрабаг, која има технички и човечки ресурси за нејзина навремена изградба, а Надзорот е доверен на ЕГИС“, изјави по увидот директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми.

Експресниот пат Градско-Дреново е со должина од 15,5 км. предвидени се 5 вијадукти, /мостови, 4 натпатници, 4 потпатници и 2 клучки кај Градско и Росоман. Содржи две возни ленти од 3.5м, две ленти за застанување од 2.5м, и по две рабни ленти, со вкупен патен профил од 12.4м. Веќе е започнато да се работи и во моментов интензивно се извршуваат градежни активности на клучка и надвозник Градско.

На втората  делница од Дреново до Фариш која е со должина од 10.2 км, и за која се издвоени 31,82 милиони евра средства од ЕБОР, започна да работи Синохидро. Наскоро започнуваме и со рехабилитација на патниот правец Фаришка клисура–Прилеп, превој Плетвар, во должина од 19 км и вредност од 5,6 милиони евра со што значително ќе се подобри патната инфраструктура на кракот Д на Паневропскиот транспортен коридор 10.

Сподели: