Мени

Сугарески-Китанов: Општина Петровец по 50 години добива нов мост печати

Скопје, 18.06.2020

На регионалниот пат Р2136 на река Пчиња во Општина Петровец, Јавното претпријатие за државни патишта отпочна изградба на нов мост кој е од витално значење за населените места во овој дел.

50 години е стар мостот по кој граѓаните се уште комуницираат со останатиот дел од регионот. Тој мост му припаѓа на едно минато свршено време и неговата безбедност веќе никој не може да ја гарантира. За да може автобусите на ЈСП и останатите учесници во сообраќајот да поминуваат безбедно преку него ЈПДП го санираше стариот мост. Притоа, согледувајќи ја состојбата им излезе во пресрет на барањата на граѓаните и во октомври 2018 година отпочна со изградба на новиот мост на реката Пчиња во Општина Петровец.

По извршениот увид во градежните работи кои што се во завршна фаза од страна на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов изјавија дека  многу скоро граѓаните ќе ја почувствуваат разликата помеѓу стариот и новиот мост.
„За прв пат после 20-30 години се гради мост сам по себе кој не е во склоп на пат. Должината на мостот е 133,20 м, ширината 8 м, со два коловоза и пешачки патеки. Во моментов градежно оперативно мостот е готов. Денеска се ставаат заштитни огради на пешачкиот дел. Екипите на ЕВН пак ги отстрануваат последните бандери и се средуваат пристапните патишта во должина од 100-тина метри од двете страни.  Потоа следува рушење на стариот мост и средување на речното корито. Стариот мост мора да се сруши бидејќи кога ќе се средува речното корито може да дојде до поткопување на неговите темели и ќе биде небезбеден за користење. На граѓаните на овој регион нека им е честито новиот мост, а на сите кои придонесоа за неговата градба им благодарам што помогнаа граѓаните да добијат мост каков што заслужуваат”, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.

Предвидените средства за изградба на мостот се во висина на 67,14 милиони денари.  
„Преземаме сериозни мерки и посветено работиме на зголемување на безбедноста во сообраќајот градејќи нови модерни и безбедни патишта и рехабилитирајќи ги постоечките, санирајќи свлечишта и градејќи и реконструирајќи мостови. Новиот мост кој го градиме во општина Петровец ќе биде од огромно знаење за населението кое живее во околните места. Овој проект е дел од големиот инвестицискот циклус во унапредување на патната инфрастуктура, во кој реализираме проекти во висина од околу 1 милијарда евра за изградба и реконструкција на преку 400 километри патишта. Во овој момент имаме силен фронт за работа, на терен континуирано и со добра динамика се работи насекаде низ државата и уверуваме дека ваквото темпо на изградба, не само на патишта и мостови, туку и канализации, водоводи, гасовод, болници и други капитални проекти ќе продолжи согласно нашите планови и програми, без било какво влијание од изборниот процес или здравствената криза. Сè што ветивме пред граѓаните остваруваме и тоа може реално да се види на терен“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Инаку, градежните работи на мостот се во завршна фаза. Останува да се постави ограда уште од едната страна и да се асфалтира. Во моментов се работи на бетонските канали на пристапните улици, како и на дислокација на среднонапонски бандери со што ќе се овозможи завршување на пристапните улици.
На крајот процесот ќе заврши со рушење на стариот мост кој конечно ќе замине во историјата, како и регулирање на речното корито во опфатот на мостот.

Сподели: